Министерот за образование и наука Јетон Шаќири најави дека за десет дена МОН ќе излезе со став дали ќе има поместување на почетокот на учебната година од стандардниот термин 1 септември. Најави дека наредната недела пред Комисијата за човечки ресурси ќе ги претстави трите предлози за почеток и завршување на учебната година.

Ќе бидат вклучени униите на средношколците, но исто така и синдикатите за мислењата да ги слушнат членовите на Комисијата. Мислам дека во рок од десет дена ќе имаме конечен став кој од предлозите ќе биде прифатен, изјави Шаќири одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на Форумот за реорганизација на училишната мрежа.

Првиот предлог до МОН е учебната година да почне како и досега – на 1 септември, вториот е да почне на 11 септември, без пролетен распуст, и да трае до средината на јуни, третиот предлог е да почне на 1 септември, да има пролетен распуст од пет дена и учебната година да заврши во средината на јуни.

Во врска со реакции во јавноста и кај наставници дека во новата наставна програма по предметот Македонски јазик за шесто одделение е изоставена темата за историјата на македонскиот јазик односно дека таа ќе се изучува во погорните одделенија, Шаќири одговори дека до неговиот кабинет не е стигната реакција.

Но, од овој момент штом има проблем, јас ќе ги повикам. Но на истиот состанок ќе треба да бидат присутни и претставници од Бирото за развој на образование, како институција која ја има предложено програмата за тој предмет, рече министерот Шаќири.

OhridNews