Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири денеска изјави дека во крајна фаза е изработката на нов електронски дневник за учениците и дека се прават напори тој да биде интегриран и поврзан така што родителите секојдневно би знаеле за отсуствата на нивните деца од училиште.

Во крајна фаза е изработката на новиот електронски дневник кој треба да почне да функционира после пилотирањето што го имавме во претходните месеци во Министерството за образование, поддржан од Европската Унија. Со воведување на новиот електронски дневник се прават сите напори тој да биде интегриран и поврзан за добивање на информации веднаш после внесување на податоците, односно секојдневно родителите да можат да ги добиваат ажурираните податоци за отсутните ученици, истакна тој на завршна конференција на проектот „Пилот-проект за Систем за рано предупредување за исчезнати деца“ на која беше презентирана новата веб – страница за рано предупредување за исчезнати деца.

Шаќири нагласи дека во изминатиот периот имале забелешки во врска со комуникациите на вибер помеѓу наставниците и родителите, односно дека групите се употребуваат за споделување на задачи и материјали за работа

Забелешката беше да не се употребуваат групите за такви споделувања. Комуникацијата случена во училиштето кај Вања треба да се земе за пример, затоа што доколку не беше таква таа комуникација ќе имавме забелешки во однос на функционирањето, односно добивањето на информации од страна на лицата вклучени во образовните институции до родителите, рече министерот и препорача сите наставници, не само класните, да водат евиденција за отсуството на учениците на часовите и да ги известуваат родителите.

OhridNews