Нема да има застој во трансакциите на стипендиите, исплатата е поврзана со програмите за ученички и за студентски стандард кои поминаа на седница на Владата пред две недели и почна процесот на обработка на податоците. Од петок, вчера, денеска, утре, секој ден има реализација на стипендии на корисници од претходната година, рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

За новите стипендии, пак, како што посочи, датум на објавување на резултатите според огласот е 31 јануари.

Тоа значи денеска. Ги повикувам сите студенти – резултатите ќе бидат објавени за сите категории, вклучувајќи ги и новите стипендии кои првпат се воведени за струки од земјоделството, информираше министерот за образование и наука.

Тие се од 18.000 денари и повисоки од другите стипендии, исто како што од претходните години има за други дефицитарни струки.

Позитивна вест, како што рече, е дека се обезбедени средства за еден дел студенти кои земаат понизок износ за стипендија од иста категорија, а други добиваат повисок износ.

За нив се дискутираше периодов. Сите тие студенти, кои се вкупно над три илјади, ќе бидат повикани во МОН да се разгледа можноста да потпишат анекс на договори за да добиваат иста вредност од категоријата на стипендија, за да не се дискриминирани, додаде Шаќири одговарајќи на новинарски прашања по потпишувањето Меморандум за соработка со Амбасадата на Швајцарија за унапредување на средното стручно образование за 2023-2026.

OhridNews