Воодушевен сум од идејата на д-р Митко Велески кој во моментов работи како научен соработник на Техничкиот универзитет во Котбус, Германија, да се врати во државава и да се вклучи во наставно – научниот процес на некој од нашите универзитети, истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири по средбата со младиот интелектуалец од Охрид кој по стекнувањето на основното академско знаење во својата земја, продолжува да се надградува во Германија, каде подоцна и се вработува на познатата високообразовна установа од областа на техничките науки.
Велески, како што е наведено во соопштението од МОН, е исклучителен интелектуалец, со објавени 15-тина научни трудови во прилично атрактивни подрачја како дизајн на дигитални системи, чипови и хардвер за вештачка интелигенција.
Со него денес имав одлична дискусија. Ми се допаднаа неговите сугестии за подобрување на одредени сегменти на високообразовниот систем во Северна Македонија кои се поттикнати од германското искуство, како и идеите за воспоставување на соработка помеѓу високообразовните установи во двете земји, рече Шаќири.
Тој додаде дека на државата и се потребни млади интелектуалци како д-р Велевски и како што рече, правиме сè за да создадеме добри услови за целосно реализирање на нивниот личен потенцијал на овие простори.
Дома сте добредојдени секогаш, порача министерот Шаќири на средбата со Велески.
OhridNews