Вкупно 15.620 ученици денеска полагаат државна матура, а резултатите за овој испит ќе бидат објавени на 10 јуни од страна на Државниот испитен центар, информира денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири пред почетокот на полагањето во СОУ „Ибрахим Темо“ во Струга.

Денеска учениците од четврта година го полагаат првиот екстерен испит, наредниот период ќе биде вториот, па продолжуваат со два интерни испити и подготвување на проектната задача.  Резултатите за овој прв испит ќе бидат објавени на 10 јуни од страна на Државниот испитен центар, рече Шаќири.

По завршувањето на државната матура најави дека ресорното Министерство ќе побара од Владата да ги исполни барањата на Унијата на средношколци за упис на универзитетите да се земе предвид еден од екстерните испити или првиот, но и вредноста во процес на упис на учениците во зависност на екстерните и интерни испити. Смета дека ова барање ќе биде реализирано зошто е барање од сите средношколци.

Одговорајќи на новинарско прашање во врска со протестот на дел од просветните рабтници загрижени за спојување на дел од предметите и дека дел од просветниот кадар може да остане без работа, Шаќири уверува дека нема да дозволи да има последици по наставниот кадар.

Со новата концепција досега немавме никакви проблеми во петто одделение и ќе продолжиме. Гарантирам дека нема да имаме никакви проблеми. Според анализите истовремено направени од Секторот за основно образование и Бирото за развој на образованието кои ќе ги презентирам пред Независниот синдикат во четврток или петок следната недела мислам дека истиот фонд на часови за наставниците по географија ќе биде за шесто одделение како што бил од претходно. Исто така, новиот концептот за основно образование продолжува и во седмо, осмо и девето одделение. Нема да дозволам да има последици за наставниот кадар, рече Шаќири.

Како министер, потенцираше имал побарано од Бирото за развој на образование да симулира распоред на тоа како треба да изгледа пред први септември во сите училишта и како тоа треба да изгледа во делот на модулите кои ќе ги предаваат наставниците, во начинот на реализација на настава во три вида на училишта големи, средни и мали.

И овие анализи ќе ги презентирам и пак уверувам дека колективно ќе ја донесеме одлуката. Секогаш сме биле отворени за дијалог. Податоците ќе бидат презентирани и пред СОНК зошто сакаме сите да се вклучат во процесот. За наредната учебна година во шесто одделение истиот фонд на часови ќе се распредели во некој од предметите кои се спојуваат. Ако анализите ни покажат дека наредната учебна година се очекуваат поголеми последици ние сме подготвени и отворени за дискусија, вели министерот.

На новинарско прашање за забелешката од експертите дека двојно е зголемен бројот на одлични ученици и дали се потребни реформи, Шаќири рече дека во тек се реформи од кои дел ги поздравува, а за дел има забелешки.

Дел од реформата за основно образование е и новата концепција со која се спојуваат предметите, за еден предмет ќе предаваат тројца професори.  Сакам порака да упатам  и до родителите и до настваниот кадар дека секогаш ни требаат реални оценки, да не се повторува истата ситуација од минатата година кога во скопско училиште учениците на приемен испит не ги добија резултатите што ги имаа претходно добиено. И тогаш прифатив дека можеби дел од причините се краткиот периодот, обемниот материјал, додаде Шаќири.

Инаку, на 10 јуни е закажан тестот од вториот екстерен испит. Тој е изборен и матурантите имаа можност да избираат меѓу седум предмети. Како и во минатите години, најмногу пријавени (13 922) има за испитот по Англиски јазик, за Математика се пријавени 1397, Француски јазик – 29, Германски јазик – 122, Руски јазик – 17, Естетика – 81 и Филозофија ќе полагаат седум матуранти. Испитите ќе почнуваат во 10 часот, а за реализација на државната матура ќе бидат вклучени околу 1700 тестатори. Матурантите што нема да ја положат матурата во јуни или не во целост, ќе може да полагаат во августовската испитна сесија – на 9 и 11 август.

Н.С.Ј.