Пуерта се онесвести во 35 минута, кога трчаше кон својот гол. Соиграчите и медицинските лица веднаш му укажаа прва помош и по неколку минути играчот се освести, застана на нозе и го напушти теренот. Во соблекувалната Пуерта повторно се онесвести и беше пренесен во болница. На пат кон болницата на играчот неколкупати му откажувало срцето. Пред неполн месец Пуерта успешно ги поминал лекарските тестови, кои се прават секогаш пред да почне првенството. Пуерта беше еден од најперспективните одбранбени играчи во Шпанија, а веќе имаше и еден настап за репрезентацијата на „црвената фурија“. На погребот, Пуерта ќе биде завиткан во знамето на Севилја, тимот во кој помина 14 години. На ковчегот ќе има и знаме на Шпанија, а во рацете на играчот ќе бидат сите трофеи што ги има освоено со Севилја.
Со смртта на Пуерта само се продолжува листата на трагично починатите фудбалери на терените во последните неколку години. Унгарскиот репрезентативец и член на Бенфика, Миклош Фехер (24), почина на теренот во јануари 2004 година, за време на дуелот против Виторија Гимараеш. Фехер само неколку секунди пред да колабира се смееше на теренот и изгледаше сосема во ред. Во Португалија во следната година, почина и играчот за врска на Леирија, Хугу Куња (28).
Една од најпотресните слики на фудбалските терени се случи во јуни 2003 година, кога на Купот на конфедерациите на теренот почина Камерунецот Марк Вивиен Фое. Мечот се пренесуваше низ целиот свет, кога Фое одненадеж колабира и не се разбуди. И тој почина од срцев удар на 28-годишна возраст. Еден месец подоцна Бразилецот Максимилијану Фереира (20) почина за време на тренинг со тимот на Ботафого. Во октомври 2002 година бразилскиот напаѓач Марсиу Дош Сантуш (28) почина од срцев удар само неколку часа откако постигна гол за перуанскиот Депортиво Ванка. Бранителот на Сао Каетано, Сержињу, почина во октомври 2004 година, за време на мечот против Сао Пауло.