Регионалниот економски форум „Поврзан Балкан“ се одржува во Скопје, на кој присуствуваат претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Албанија Еди Рама. На форумот присуствуваат претставници од стопанските комори во регионот, деловните заедници и преку 300 компании.

Од денеска почнува нова ера на соработка во регионот. Се поврзуваме за развој на нашите економии, со јасна и отворена намера секој граѓанин час поскоро да почувствува  директни придобивки од олеснувањата кои ги обезбедуваме. Самостојно покажуваме политичко лидерство и грижа за унапредување на соработката, за која овој пат имаме и конкретна акциска програма. Убеден сум дека тоа ќе биде препознаено од Брисел и Вашингтон, рече премиерот Зоран Заев во воведното обраќање на Регионалниот економски форум „Поврзан Балкан“ што се одржува во Скопје.

Политичките лидери, напомена Заев, ги слушнаа барањата на стопанството – да има помалку историја и повеќе бизнис.Регионалната соработка може да придонесе за  релаксирање на политичките односи во регионот.

Премиерот се осврна и на ЕУ, нагласувајќи дека нејзиниот неуспех да ги исполни ветувања за отворање на првата меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија, е против европската идеја, против интересите на самата ЕУ и спротивна на определбата за членство во Европската Унија на овие две земји кои ги исполнија сите критериуми за тоа.

Тука сум за да говорам за нашите граѓани, за нашите земји, за нашите идеи, за нашиот европски Балкан. За Западен Балкан, за овој отворен регион. За регион и за иницијатива коja денеска ќе се претстави со ново име, име кое ја одразува суштината на новата реалност што денеска ја промовираме сите ние заедно – лидерите, стопанствениците, граѓаните на Албанија, Србија, Северна Македонија и сите други земји од регионот. Сите заедно му даваме нов импулс на заедничкиот економски простор, на поврзаниот регионален пазар. Заедничкиот регионален пазар е мотивација за да се поттикнат нови регионални иницијативи насочени кон приближување и за интегрирање со пазарот на ЕУ. За сите нас е несомнено јасно дека само со интегриран и поврзан регион може да се движиме постојано кон нашата основна цел – членство во ЕУ. Бидејќи ние не можеме да бидеме ништо друго освен земји од европскиот Балкан, рече Заев.

По премиерoт воведни обраќања имаа и Вучиќ и Рама кој исто така ја испратија пораката за обединување на економиите во регионот, олеснување на протокот, елиминирање на бариерите и создавање заеднички пазар.

.На форумот ќе биде објавено новото име на регионалната иницијатива што досега беше неформално нарекувана како „Мал шенген“ и да бидат потпишани трилатерални договори кои, според најавите, ќе го подобрат животот на граѓаните и на бизнис заедницата од Западен Балкан.

 

 

OhridNews