Филмот „Сестри“ во режија на Дина Дума е македонски кандидат за најпрестижната филмска награда Оскар во категорија за најдобар долгометражен интернационален филм.

Комисијата за избор на македонски кандидат за наградата при Друштвото на филмските работници на Македонија која ја донесе оваа одлука беше во состав на: кинематографот Дејан Димески кој воедно е и претседател на Комисијата, фотографот и кинематограф Роберт Јанкуловски, дизајнерот на светло Петар Богоевски, актерката Несрин Таир ,сценографката Снежана Поњевиќ – Муча, композиторот Александар Пејовски – и актерот Дритон Вејсели. Македонската премиера на филмот беше на 42. Издание на Интернационалниот фестивал „Браќа Манаки“ во Битола. Ова е прв долгометражен филм на режисерката Дина Дума и на кинематографот Наум Доксевски. „Сестри“ се закити со Специјална награда на еден од најпрестижните филмски фестивали во светот во Карлови Вари.

Филмот е приказна за две тинејџерки чие пријателство е ставено на тест кога се соочени со последиците од нивното декадентно однесување.
Во конкуренција за кандидатурата беше и филмот „Исчезнатиот“ во режија на Арбен Тачи. Американската Академија за подвижни слики, уметност и наука објави дека 94-та церемонија за доделување на Оскарите ќе се одржи во недела, 27 март 2022 година, во Лос Анџелес.

 

OhridNews