Охриѓанецот Лазе Радески кој се сомничи дека на свиреп начин го убил Трајче Цоцеки, веројатно е сериски убуец кој од живот лишил уште тројца улични продавачи на девизи, соопшти денеска МВР. Овие наводи сеуште се проверуваат, соопшти полицијата. Осомничениот по повеќечасовниот распит во полициската станица во Охрид, синоќа бил изведен пред истражен судија кој му одредил мерка притвор во траење до 30 дена.
Лазе Радески се товари дека во саботата го лишил од живот шеесет годишниот Трајче Цоцески. Неговото безживотно тело беше пронајдено три дена подоцна од случаен минувач во близина на авто кампот АС кај Струга. Специјални тимови на МВР и СВР Охрид, два дена подоцна го пронајдоа и лишија од слобода осомничениот за убиството.
Во акцијата за фаќање на убиецот биле приведени повеќе лица и биле извршени претреси во неколку куќи, станови и дуќани. Полицијата во подрумот на пријавениот Радески ги пронашла парите од убиениот, рамбо нож на кој имало траги од крв и други делови од облека. Според полицијата убиецот и Трајче Цоцески се сретнале во дуќанот на зетот на Радески на бул Туристичка. Тој му рекол на Цоцевски дека сака да смени евра, додека жртвата правела калкулација на дигитрон, Радески му пришол од зад грб и со чекан го удрил три пати по глава. Убиениот го ставил на најлонски кеси и го свиткал во ќебе по што незабележан од никого го ставил во своето возило “фиат 1300“ и отишол дома. По два дена се ослободил од трупот фрлајќи го во близина на авто кампот АС.
Радески се познавал со убиениот, со кого заедно работеле во некогашна Застава. Во истата фабрика работеле и тројцата други продавачи на девизи кои исто така беа лишени од живот на сличен начин: Т.Т. на 25 февруари 1999 година, Р.Р. кој од 2006 се води за исчезнат и Спиро Ставревски кој беше најден мртов во мај минатата година. Мотив за убиството било користољубие.
ohridnews