Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје синоќа и денеска регистрира серија земјотреси со епицентар во близина на Елбасан, соседна Албанија, кои ги почувствуваа граѓаните од југозападниот дел на Македонија.

Првиот од серијата е регистриран  синоќа во 18 часот и 56 минути  и во Охрид е почувствуван со интензитет од 3,7 степени според Рихтеровата скала. Потоа следуваа уште неколку помали потреси, а најсилниот во серијата е почувствуван  во 21 часот и 31 минути со интензитет од 4,4 степени според Рихтер.

Последниот посилен потрес денеска во Охрид е регистриран во 11 часот и 9 минути.
Доктор Вера Чејковска од Сеизмолошката опсерваторија вели дека нема простор за паника. „ Земјотресите на ова ниво на кое што е сега сеизмолошката наука, не можат да се предвидат со точен датум и време, но се предвидуваат  со извесна сигурност за нивно случување на одредено подрачје и во одреден временски интервал кој може да трае и стотици години“, додава Чејковска.

Најсилниот земјотрес на Балканот по 1900 година е почувствуван во 1904 година на подрачјето помеѓу Пехчево и Кресна со магнитуда од 7,8 степени по Рихтеровата скала, а неговата максимална почувствуваност достигнала и до 10 степени по Меркалиевата скала. Доктор Вера Чејковска појаснува дека  Охрид  е трусно подрачје, а  жариште се раседите во јужниот дел од езерото кои се се уште активни и кои предизвикуваат земјотреси што се чувствуваат и во Поградец, Албанија.

А.Ристоска