Поранешниот олимписки првак и актуелен светски рекордер во дисциплината скок со стап Украинецот Сергеј Бубка, потврди дека ќе присуствува во Охрид за време на атлетската недела, која ќе се одржи од 12 до 19 мај.
Бубка, кој во моментов е член на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), во своето писмо изрази задоволство што ќе биде во Охрид за време на промовирањето на новата тартан-патека со атлетскиот митинг на кој се очекува да учествуваат бројни атлетичари од земјава и од странство.
– Ќе ми биде особена чест и задоволство да дојдам во Охрид на промоцијата на митингот и промоција на атлетиката во Македонија, вели Бубка во дописот до Атлетската федерација на Македонија (АФМ).
Првичните контакти со Украинецот од АФМ ги направиле на Светското првенство минатата година во Берлин (Германија).
– Уште во Берлин го информиравме Бубка за нашите планови за организација на атлетски митинг во 2010 година, но бидејќи тартан-подлогата не беше поставена, моравме да почекаме за конкретен датум. По поставувањето на патеката и разгледот на календарот одлучивме тој да се одржи во мај, а особено ни е драго што еден таков великан како Бубка ќе допатува во Охрид и ќе биде дел од промоцијата на митингот – вели Иван Цветкоски од АК Охрид, кој во соработка со АФМ ќе го организира митингот.
Кон крајот на март луѓе од италијанската фирма „МОНДО“ ќе допатуваат во Охрид, за да ја обележат новата тартан-патека, а за средината на април најавена е посета на Македонија од претседателот на Европската атлетска федерација, Швајцарецот Хансјорг Вирц.
М.Постоловски
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com