Црвено светло е запалено, охриѓани се оставени сами на себе и во прашање е одржувањето на Атлетскиот митинг “Охрид 2010“, кој е закажан за 19 мај . За Митингот чиј промотор е Сергеј Бубка изостанува домашната поткрепа како од институците така и од компаниите.
– Ниту во еден момент не очекувавме дека до ова може да дојде и да биде во прашање одржувањето на атлетскиот митинг особено кога како промотор го имате Сергеј Бубка, великан на светката атлетика и една од највлијателните спортски личности на денешницата. Особено не чуди тоа што во последните месеци нон стоп се зборува за туристичка и спортска промоција на државата и колку сите сме ангажирани во таа насока, а од друга страна ја имате реалноста во која едноставно ви ги затвараат вратите и ве оставаат сам да ја презентирате државата и градот – вели директорот на митингот Иван Цветкоски.
Организаторите успеаа во првата година на митингот да го обезбедат присутвото на Бубка , како промотор, да “убедат” атлетичари од соседните држави и пошироко да учествуваат на атлетскиот митинг, а истиот влезе во интернационалниот календар со обезбедена финасиска подршка од ЕАА за митингот.
– За нас е несфатливо како може пријателите од Европа и светот повеќе да се интересираат и помагат, отколку самите ние. Ни донираат најмодерна атлетска патека ( вредност 400.000,00 евра ) а ние сето тоа не знаеме да го искоритиме и наместо да им докажеме дека сепак имаме капацитет и визија како се организира и развива спортот ние за жал ќе треба да импровизираме и да не ја искористиме шансата што ни се укажа. Ние многу очекувавме подршка од Агенцијата за млади и спорт но тоа не се случи и останавме надвор од плановите и визијата на менаџментот на агенцијата. Јас навистина не знам кои се причините, но реалноста е таа и уште не можам да сфатам зошто спортскиот настан на годината е надвор од подршката на Агенцијата. – вели Цветкоски.
Охриѓани очекуваат локалната самоуправа да го исполни ветеното и да им ја даде неопходната поддршка. Парите, стратегијата и упорноста го носат спортскиот успех на државата . Рецептот е едноставен но …
М.П.
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com