Охрид денес и утре ќе биде домаќин на Генералното собрание на Асоцијацијата на шефови на полициите од земјите на Југоисточна Европа (SEPCA) на коешто ќе учествуваат директорите на полициските служби на земјите од регионот: Србија, Босна и Херцеговина- Федерација, БиХ Република Српска, Албанија, Бугарија, Хрватска, Македонија, Црна Гора, Романија, Италија. На Генералното собрание кое со свое обраќање ќе го отвори првиот човек на Бирото за јавна безбедност при МВР,  Љупчо Тодоровски, кој воедно е и актуелен претседавач на асоцијацијата, ќе присуствуваат и претставници од повеќе меѓународни организации и партнери за соработка на SEPCA: SDC, ОБСЕ, Интерпол, Европол, американската FBI MARRI, RCC, DCAF, SECI/SELEC Center, SEESAC/UNDP, SOFRECO, кои со конкретна поддршка се вклучени во имплементација на повеќе заеднички проекти.

Се очекува на маргините на собирот директорот на БЈБ, Тодоровски и директорот на италијанската полиција Антонио Манганале, да го потпишат билатералниот Оперативен протокол за соработка на заеднички тим, чијашто цел ќе биде собирање и размена на информации во областа на трговијата со дрога.

Инаку SEPCA, како асоцијација на шефови на полиции во Југоисточна Европа работи на зајакнување на  полициската соработка, не само во регионот, туку и пошироко, особено во делот на размена на информации и податоци со цел успешна реализација на заедничките активности во борбата против трансграничниот криминал.

OhridNews