Кон 1000 годишнината од погибијата на Св. Владимир
Си биле еднаш еден цар и една царица и си имале ќерка многу мила и сакана, напросто обожувана од двајцата родители. Кога стасала за мажење принцезата се заљубила во еден млад благородник, арноама пленик од далечен крај. Името мu било Владимир, а нејзиното име било Косара.
Познато, зарем не.
Легендата вели дека младите лудо се вљубиле, па нејзиниот татко царот Самуил ја благословил нивната врска, ги венчал и ги пуштил во Дукља, близу Скадар, мирно да си живеат и владеат под будното око на царот.
Некои злобници тврдат дека тоа било брак со политичка заднина, но било како било, нивниот брачен живот не бил од долг век.
По смртта на царот Самуил, неговиот син – новиот цар охридски ги поканил на гости зетот и сестрата и со подмамка го убил Владимира!
Eдни велат при лов кај Ќафасан, други во Крани, Преспа а трети пак дека платеници му ја отсекле главата до црквата Богородица Челница- и оттогаш во оваа црква не се вршат ниту крштевки, ниту венчавки…
Тоа се случило на 22 мај одн. по ново на 4 јуни 1016 год.
Овдовената Косара успеала да го измоли братта си да го одведе телото на покојниот сопруг во неговата татковина Дукља, кадешто по погребниот обред таа станала калуѓерка под името Теодора.
Минувале векови па еве деновиве се навршуваат и точно илјада години од настанот.
Дукљаните неговата смрт ја сметале за маченичка, во име на верата, и побарале од папата да го канонизира за светец, но сè укажува дека сепак Охридската Црква била таа која го прогласила Владимира за светител и чудотворец. Се кажувало дека од неговите останки течело миро и се случувале чуда, па неговите мошти немаат мир еве цел еден милениум.
Тие биле положени најнапред во црквата Св Богородица Краинска на брегот од Скадарското Езеро, а покрај него била погребана и неговата верна сопруга. Тука се чувале се до 1215 кога Епирскиот владетел Михаил Комнен ги пренесува во Драч, а во 1381 г.тогашниот владетел Карло Топија врз темелите на стара црква го подига манастирот Шин Ѓон/ Свети Јон и тука ги преместува моштите на Владимира и тој го добива името Св Јон Владимир, заради судбината слична на Св Јован Крстител. Околу манастирот почнува да се издига средновековниот град Коњух, денешен Елбасан, па некои денеска светецот го нарекуваат и Владимир Елбасански.
Претстава во Бигорскиот манастир
Дел од моштите-главата на светителот денес се чува во манастирот Зограф, Света Гора, кој манастир според легендата, запишана во “Сводната грамота”, бил основан во 9 или 10 век од тројца браќа од Охрид – Моjсеj, Арон и Јон Селима, а дел од моштите бил вграден во темелите на грандиозната камбанарија посветена на св Владимир во манастирот Свети Наум. Моштите денес се во православниот катедрален храм во Тирана, Албанија.
За ширењето на култот на овој светител на Охридската Црква најзаслужен бил Кузман Китијски (1643-1702), по потекло тунижанец со граѓанско име Константин Мавруди,инаку вршител на должноста охридски архиепископ! Тој, како поранешен игумен во елбасанскиот манастир Св Јон Владимир напишал житие на грчки јазик , според слушаните преданија, кое го отпечатил во 1690 г во Венеција и со тоа го распространува култот на овој светител на територијата на целата Охридска Архиепископија.
Житието е препечатувано повеќе пати а зачуван е и превод на македонски / охридски направен од страна на Јонче Снегар (25 април 1870 год.)
Православните цркви го празнуваат денот на Св Владимир , во зависност од јулијанскиот или грегоријанскиот календар. Бугарската црква го одбележува на 22 мај како св.Иван Владимир, бугарски кнез, српската црква на 4 јуни како св Јован Владимир како српски кнез а црногорската како прв црногорски светец.
Православен календар на МПЦ 2016
Верскиот календар на Бугарската црква
Верскиот календар на Српската црква
Ако го побарате пак името на светецот во календарот на МПЦ, која уште милува да се нарекува и Охридска Архиепископија, веќе десетина години последователно тој не суштествува ниту на 4 јуни, ниту пак на некој друг ден. За ова повеќе пати пишувавме на страниците на Ohrid News. На моето најново прашање кусо ми беше одговорено дека „во 2003 и 2004 името беше присутно и се зависи од издавачот, има многу светии а местото е мало“ па години со ред на назад се споменуваат само Св. Василиск и Св. праведник Мелхиседек! Со сета почит кон нив јас галиба не сум многу шетан низ храмовите охридски и македонски па не ги познавам нивните ликови, но ликот на Св Владимир во Бигорскиот манастир е веднаш до ликовите на св Кирил и Методиј, а иконата негова е на највидно место во Св. Наум. Со оглед дека не познавам многу охриѓани и македонци што ги носат имињата на брачедот на Теодор Тирон, е де тој Василиск или праведниот Мелхиседек, календарчето на МПЦ ги доведува во заблуда сите православци кои не знаат или забораваат да го одбележат денот и да им го честитаат именденот на сите оние што го носат неговото име!
Иконата на Св. Јон Владимир во Св. Наум
Култот на светецот е најсилен токму во Охрид и поширокиот регион, но неговиот култ е присутен на целиот Балкан – од Грција и Бугарија па сè до Словенија. Св Владимир е заштитникот на градот Бар, Црна Гора. Оваа држава како наследник на средновековна Дукља отиде и најнапред во заштитата на култот на св Владимир, прогласувајќи го како нематеријално национално културно наследство во 2014 година.
Минатиот ноември градоначалникот на Бар престојуваше во неколкудневна посета на Охрид и со челниците на градот разговараше за заедничка меѓуопштинска прослава на 1000 годишнината во која би зеле учество Бар, Охрид, Елбасан и Преспа (остров Св Ахил-Грција). Епилогот не ми е познат, знам дека од патувањето на градоначалникот Д-р Срзентиќ понел чудесни сознанија за култот на светецот, кои меѓудругите трудови се вткаени во прекрасната монографија „Дукљански кнез св.Владимир“. На прославата одржана деновиве беа промовирани и две специјални вина на винаријата „Тиквеш“- „кнез Владимир“ и “принцеза Косара“!
А кај нас?
Не верувам дека воскреснала старата Марија теквалото, од расказите на Иван Точко, па им дошепнала на владиците од МПЦ за илјадалетниот јубилеј, со оглед на отсуството од календарот… а можеби и згодно им се видело да го поврзат со пуштањето во употреба и осветувањето на новоизградениот конак во св ЗаУм! Нејсе, сепак е изнајден начин како- така да биде одбележен јубилејот и името на овој светител на Охридската Црква.
Велико име на сите што го носат и чествуваат името Владимир !
Автор: Владо Жура
Ставовите во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се лични ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив