Ракометарите на Металург се сензационални победници во Купот на Македонија. „Металурзите“ во финалето од завршниот турнир кој се одигра во Куманово го совладаа градскиот ривал Вардар после изведувањето на пеналите со 4-3, откако регуларниот дел заврши без победни 29-29.
Првиот дел им припадна на „вардарци“, кои, го добија со 16-12. Металург дека може да направи чудо покажа во второто полувреме, кога прво ја анулираше предноста на градскиот ривал, а успеа и да стигне во водство. „Црвено црните“ стегнаа во финишот и преку голот на Чупиќ од пенал стигнаа до егал 29-29. Последниот напад им припадна на „металурзите“ кои не успеаја да го реализираат.
Новиот шампион во Купот на Македонија се одлучи по изведување на пеналите. Во првите две серии Дупјачанец ги одбрани ударите на Чупиќ и Дибиров, а Металург реализираше преку Серафимов и Токиќ за водство од 2-0. Карачиќ го намали резултатот на 2-1, а Пучник промаши за нова предност од два голови на Металург. Поповски изедачи на 2-2, а Шпенде го врати водството 3-2. Во решавачката петта серија Скубе погоди за 3-3, а печат на сензционалната победа стави Танкоски кој погоди за 4-3.
За екипата на Металург ова е шести трофеј од националниот Куп, додека Вардар останува на 12, но многу е важно што е прекината комплетната доминација на „црвено црните“ во македонскиот ракомет.
OhridNews
Фото: Гол.мк