ЦИВИЛ – Центар за слобода денеска во Охрид ќе организира семинар на тема Слободни избори за слободни граѓани.
Учесниците на семинарот ќе се запознаат со неколку различни аспекти за работата на центарот поврзана со изборите, гласачкото право и човековите права и слободи воопшто. Исто така, овој семинар е почетна фаза за градење на широка мрежа за поддршка на процесите кои треба да водат кон слободни избори. Учесниците се добредојдени да поставуваат прашања и да побараат дополнителни насоки и обука на индивидуално ниво.
Од учесниците на семинарот се очекува да останат активни и редовно да доставуваат информации за состојбите на теренот, да бидат едукатори и да ги распространуваат информациите и знаењата во своите средини.
ЦИВИЛ ќе формира и Регионални работни групи за слободни избори на кои ќе покани претставници на политичките партии, општините, граѓанските организации, медиумите, локалните институции, бизнис заедницата, лидерите во заедниците и други заинтересирани граѓанки и граѓани.Слободни избори за слободни граѓани е проект кој ќе придонесе во процесот на подготовка на слободни избори во Република Македонија, со поддршка од Министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија. Овој проект ја претставува потребата на граѓан(к)ите да се создадат услови за спроведување на избори во демократска атмосфера со почитување на човековите права и слободи, пред сè, со почитување на слободната волја на гласачите.
Проектот воведува уникатни приоди и методологии кои ќе обезбедат информации и знаења врз основа на долгорочен мониторинг на човековите права и политичката ситуација во изборен контекст и воопшто. Исто така, проектот ќе овозможи граѓанска едукација за правото на глас, јакнење на јавната свест за изборните нерегуларности, како и препораки за воспоставување изборен систем кој ќе обезбеди слободни и демократски избори.
OhridNews