Деновиве во Охрид, во хотелот „Милениум“ се одржува тренинг – семинар во рамки на TWINNING CARDS проектот „Борба против криминал поврзан со дрога“. Носител на проектот е Министерството за здравство на Македонија во соработка со Националниот институт за превенција од дрога – Унгарија и Тримбос институт од Холандија.

Охрид е еден од четирите града во Македонија во кој се спроведуваат активностите од овој проект (покрај Скопје, Тетово и Струмица) што трае веќе една година и е во својата завршна фаза.
„Семинарот првенствено е наменет за лица вклучени во активности поврзани со превенција од дрога“ вели локалниот координатор на CARDS проектот, Ѓоко Апостолов. „Двајца предавачи од Унгарија, користејќи европски искуства, ги обучуваат семинарците како да ги пренесуваат и претставуваат своите активности пред јавноста, односно медиумите“ додава тој.

Како резултат на вклученоста на охридскиот тим од овој проект, неодамна беше формирано Координативно тело за превенции од болести на зависност и донесена програма за работа во наредната година. Програмата е усвоена од Советот на Општина Охрид и е одобрен буџет од 300.000 денари. Новиот проект треба да започне за неколку дена.

С.К.