Семејството на Владимир и Маргит Чепуњоски, кои смртно настрадаа во тешката сообраќајна несреќа што се случи на 2 мај 2007 година на патниот правец Струга – Ќафасан, се гневни на британецот Николас Морли, поради покренување на постапка која отвори нов судски процес за несреќата.
 
Имено, Судот во Струга во јуни 2007 година, го прогласи Николас Морли за виновен за  предизвикување на тешката сообраќајна несреќа во која настрада брачниот пар Чепуњоски и го осуди на 2 години условно. Апелациониот суд во Битола постапувајќи по жалбата на обвинителството и одбраната на осудениот ја поништи ваквата одлука и  случајот го врати на повторно разгледување во првостепениот суд. Тоа го револтирало семејството на оштетените, кое како што најави нивниот правен застапник, Ѓоко Томовски, сега ќе се приклучи кон обвинението, од што тоа се откажа во претходната постапка.

„Ваквата одлука ја донесоа оштетените бидејќи обвинетиот и после откажувањето на  семејството од кривично гонење, покажа груба неблагодарност кон нив од што тие се револтирани. Тие ќе се приклучат кон обвинението и ќе поднесат оштетно побарување, но таквото право ќе го остваруваат во други постапки пред надлежните институции“, изјави Томовски.

Повторниот судски процес против британскиот државјанин, Николас Морли, што вчера требаше да започне во Основниот суд во Струга, се одложи, откако обвинетиот не се појави на закажаното рочиште.

Ohridnews