Семејството Чепуњоски, ќе бара отштета од британскиот државјанин Николас Морли (30) кој се сомничи дека како учесник во меѓународното рели “Гамбол 3000“ со своето “порше“ ја предизвика тешката сообраќајна незгода кај Струга, по која како последица на здобиените повреди починаа сопружниците Владимир и Маргица Чепуњоски.
Адвокатот на семејството Чепуњоски, Ѓоко Томоски, смета дека покрај Морли за трагичниот настан одговорна е и државата. “Трката била пријавена кај надлежните органи, а истите не презеле соодветни мерки за безбедносно одвивае на сообраќајот на потегот на кој се одвивала трката“, рече Томоски.
Тој додаде дека од Морли ќе биде барана отштета од 150.000 евра, додека висината на отштетата која ќе биде побарана од државата дополнително ќе биде одредена откако ќе се разгледаат сите правни аспекти и можности.
Томоски рече дека вината за сообраќајната незгода ќе се утврди низ една легална судска процедура, која согласно законот ќе се одвива во забрзана постапка. Спорд него вината за сообраќајната незгода исклучиво е на британскиот возач за што, како што рече, ќе бидат презентирани соодветни докази во текот на постапката.
Наспроти ова одбраната на Николас Морли, која ја предводи охридскиот адвокат Драган Гоџо, е со став дека сообраќајната несреќа ја предизвикал голфот во кој се наоѓале сопружниците Чепуњоски. Според одбраната возачот на голфот непочитувајќи го знакот „стоп“ непрописно се приклучил од спореден на главниот пат по кој се движело поршето на Морли.
Инаку Морли во петокот вечерта бече ослободен со кауција од 25.000 евра. Вратен му беше и пасошот, но во обид со приватен авион да ја напушти Македонија од аеродромот “Александар Велики“ во Скопје, полицијата го задржала за да провери дали документите му биле во ред и дали одлуката на Основниот суд од Струга е правосилна.
Кривичниот совет на Основниот суд во Струга постапувајќи по жалбата на обвинителството вчера ја укина одлуката на истражниот судија Зеадин Ислами со која се прифаќа паричната гаранција на Морли и донесе нова одлука со која го потврдува притворот изречен на 3 мај. Тоа значи дека британецот Морли останува во притвор во Охрид до почетокот на судењето кое како што ни изјави претседателот на Основниот суд во Струга, Ади Усеини, ќе се одржи во струишкиот суд.
Ослободувањето на Морли од притвор денеска го коментираче министерот за правда Михајло Маневски кој изјави дека постапката на истражниот судија Зеадин Ислами ќе биде разгледана од Републичкиот судски совет на седницата што ќе се одржи во вторник.
Г. Момироски