Судскиот процес за најголемата бродска несреќа во историјата на Македонија, започнува на 26-ти октомври во Основниот суд во Охрид. На обвинителната клупа ќе се најдат капетанот на бродот Сотир Филевски и хрватскиот државјанин Бранко Бајиќ, претставникот на осигурителната компанија „Лојд“, која го вршеше техничкиот преглед на пловните објекти на Охридското Езеро во периодот кога се случи несреќата. Бајиќ не добил судска покана, поради што е неизвесно дали тој утре ќе се појави во Охрид од што зависи и одржувањето на првото судско рочиште.
„Илиндин“, кој од воен беше преадаптиран во патнички брод во 90-те години од минатиот век, потона на околу 200 метри од авто кампот „Елешец“ . Во моментот на несреќата на него имало 56 патници, а според регистрацијата тој можел да прими 45 лица. Во несреќата загинаа 15 бугарски туристи, најголемиот дел жители на градовите Пирдоп и Антов.
Истрагата за бродската несреќа во која беа вклучени екперти од земјава и странство траеше повеќе месеци, а врз основа на извршеното вештачење и обемниот извештај на стручните лица, судот во Охрид покрена обвинителен акт. Паралелно со македонските, истрага спроведоа и бугарските власти, кои покренаа обвинение против организаторите на туристичкото патување во Охрид, кое било проследено со низа пропусти. Поради тоа судот во Димитровград ја казни Борјана Георгиева со 2250 евра и двегодишна забрана за вршење дејност. Бугарија постапка најави и против охридската Капетанија, која се очекува да започне по завршувањето на судскиот процес во Македонија.