Зголемениот број заболени од Ковид 19 во Охрид е резултат на флагрантно кршење на препораките и мерките за заштита од коронавирусот. Како што изјави денеска на прес конференција министерот за здравство Венко Филипче, во Охрид од семејна прослава на која присуствувале околу 200 луѓе, до сега се регистрирани осум позитивни случаи на коронавирус. Стотина лица, пак, присуствувале на свадба во Скопје, од која до сега се регистрирани 14 позитивни, истакна министерот Филипче.
Во огромен процент, помеѓу 65-70% кластерите се познати и секогаш иста работа, непочитување на мерките за заштита. И покрај забраната луѓето прават масовни собири. Нешто што апсолутно нема логика и го осудувам. Го осудуваат сите здравстеви работници. Не може да се прави свадба кога тоа е забрането, не може други собири од 200 луѓе да се прават кога тоа е забрането и притоа уште да не се соработува со здравствените власти, како што е случајот кој предизвика заболување на медицински персонал на Гинеколошката клиника и во болницата во Чаир. – рече Филипче.
Според Филипче, новиот бран се уште трае, но големите жаришта полека спласнуваат.
Министерот за здравство информираше дека капацитетите на Инфективното одделение во клиниката во Битола се исполнети, поради што пациентите од Охридскиот регион сега ќе се упатуваат на Инфективното одделение во Општата болница во Охрид.
OhridNews разговараше со директорот на охридската Општа болница Др. Горан Балевски. Тој истакна дека Инфективното одделение, како и целокупните капацитети на болницата и медицинскиот кадар се подготвени да одговорат на предизвикот.
Во Инфективното одделение во Охрид ќе се примаат пациенти со лесна клиничка слика од нашиот град. Максималниот капацитет на овој оддел е 8-10 пациенти. Дополнително ние го испразнивме геријатриското одделение од каде пациентите се префрлени во Специјалната болница Св. Еразмо и предвидено е таму да се хоспитализираат само сомнителни случаи од Ковид 19. Во случај на значителен пораст на позитивни од коронавирус во Охрид, на располагање ќе биде ставено и Хируршкото одделение при општата болница. – изјави Др. Балевски, посочувајќи дека согласно здравствениот протокол тешките случаи ќе бидат испраќани на Инфективната клиника во Скопје.
Во земјата денеска беа дијагностицирани 175 нови случаи, од кои 1 во Охрид и петмина починати пациенти. Од почетокот на епидемијата во Охрид се дијагностицирани 48 лица позитивни на коронавирусот, од кои 26 во последните десеттина дена.
Г.М.