Министерот за здравство Имер Селмани денеска во Струга свечено го пушти во употреба новото уролошко одделение во Заводот за нефрологија со лапроскопска опрема за современо лекување на бубрежните болни.

Инвестицијата е  вредна 40.000 евра , а министерот Селмани најави дека Заводот за нефрологија преку јавната набавка што ја спроведува Фондот за здравство наскоро ќе добие нова современа апаратура за што ќе бидат инвестирани 600 илјади евра .

На свеченоста Заводот за нефрологија и Клиниките за урологија и нефрологија од Скопје потпишаа меморандум за реализација на проектот за отворање на одделение за  трансплантација на бубрег во заводот во Струга.


Заводот во Струга и скопските клиники потпишаа меморандум

Министерот Селмани изјави дека еволуацијата на кандидатите пријавени за директори во преку 100 здравствени установи е завршена и дека утре ќе бидат назначени нови директори во десетина здравствени организации, но немаше информација дали општата болница во Охрид ќе биде меѓу нив.

Според Селмани барањата на лекарите од клиниката во Битола за заголемување на платите за 200% во моментов се нереални и дека проблемот таму е  во меѓучовечките односи. Тој најави дека следната година владата ќе започне со примена на таканаречениот Ди-Ер-Џи  модел на плаќање на здравствените услуги и  плаќање на лекарите според учинокот со основна плата и дополнителна плата според реализираните услуги. „Некој тогаш ќе зема плата и 100.000 денари, но тие што нема да сработат ништо ќе останат можеби на 10.000 денари“, рече Селмани.

Г. Момироски