Селекторот на женската ракометна репрезентација на Полска, Данецот Ким Расмунсен, го засили стручниот штаб на ЖРК Вардар. Данскиот стратег веднаш ќе започне со работа и тоа како консултант на Индира Кастратовиќ, која и понатаму останува шеф на стручниот штаб.


„Од денеска започнуваме со подготвките за вториот дел од сезоната. Ким Расмусен е засилувањето во стручниот штаб и тој со работа ќе започне веднаш и тоа како тренер консултант, додека Индира Кастратовиќ останува прв тренер на ЖРК Вардар. Ние сме горди што Расмусен го засили нашиот стручен штаб, се надевм дека тој со своето знаење ќе и даде нов шарм на нашата игра, добро е познато какво влијание има Данска во светскиот ракомет“, истакна на прес конференцијата претседателката на ЖРК Вардар, Гордана Нацева.

Ким Расмусен е актуелен тренер на женската ракометна репрезентација на Полска, на неодамна завршеното Европско првенство тој со оваа репрезентација го освои 11-то место, додека пред две години на Светското првенство Полска заврши на четвртата позиција.

„Среќен сум што станав дел од овој тим. Со нетрпение чекам да започнам да работам со Индира. Сакам да го дадам својот придонес и да ја оствариме целта, овој клуб да се искачи на самиот врв. Последните две години го следам тимот на Вардар и овој состав ми е добро познат. Носам со себе некои нови идеи и се надевам дека заедно со Индира Кастратовиќ ќе успееме да ја подигнеме формата“, рече Расмусен, кој со ЖРК Вардар потпиша две ипол годишен договор, но и понатаму ќе остане селектор на Полска.

Расмусен исто така истакна дека нема да има проблеми скандинавското размислување за ракометната игра да го имплементира во екипа која во најголем дел е составена од ракометарки кои доаѓаат од просторите на поранешна Југославија и од Русија.

Добредојде на новиот колега му посака и Индира Кастратовиќ, која на прес конференцијата истакна дека се радува на соработката со данскиот стратег.

Ракометарките на Вардар ќе се подготвуваат во Скопје до 7.јануари, а ден подоцна ќе заминат на десетдневни подготовки во Унгарија.

„Макфакс“