Прв и на најголем удар се најде левиот бек на Вест Бромвич Албион, Горан Попов кој одигра далеку под своите можности со “коцкастите“. Згора на сето тоа Попов кумуваше на израмнувачкиот погодок на Чорлука. На негово место се очекува да настапи фудбалерот на Партизан, Александар Лазевски.
Замена за повредениот Шиков ќе биде Грнчаров и заедно со Новески ќе го формираат последниот бедем пред Пачовски кој по се изгледа ќе добие предност на голманската позиција по катастрофалната грешка на Богатинов.
Во средината на теренот повторно ќе се најдат стандардните Глигоров и Демири, откако на мечот со Хрватска, настапи Шумуликоски. Дарко Тасевски ќе ја има најголемата задача и тежина во репрезентацијата да го замени казнетиот Пандев.
Во нападот ќе се врати Иваноски, на местото од Ристиќ кој прикажа солидна партија со Хрватска. На крилните позиции ќе нема измени и ќе се најдат Тричковски и стрелецот на голот против Хрватска, Ибраими.
Натпреварот со Србија е закажан за вторник во 20:30 часот на Арената “Филип Втори“.