Македонската кошаркарска репрезентација е на одличен пат да обезбеди пласмна на ЕП 2015 каде обезбедуваат пласман сите првопласирани во седумте групи и најдобрите шест второпласирани. Со победа над Белорусија ќе го осигураме второто место кое ќе не води на евопрскиот кошаркарски собир.

– Белорусија доаѓа по тешкиот пораз на домашен терен од Белгија. Но, чесно ќе си го одработат своето во Скопје, тоа е сигурно. Треба да се очекува некоја нивна реакција. Генерално, мислам дека тоа ќе беше тешка средба. Ни самите играчи ни јас не можеме да кажеме дека ќе се случува тоа и тоа. Сакам да играме 40 минути константно, а не сакам кога натпреварот оди горе-долу. Сакам да држиме ритам 40 минути и да имаме контрола на она што се случува на паркетот. Точно да знаеме што сакаме на теренот. Дали имаме квалитет тоа да го спроведеме е друго прашање – вели стратегот на „црвено-жолтите“, Џикиќ.

Играта на Белорусија не им е непозната на македонските репрезентативци, кои во Минск ги победија на нивни терен.

– Белорусија е физички корпулентна репрезентација. Поинакви се од Данците. Нам тоа во принцип ни одговара. Имаат неколкумина многу добри шутери и сакаат да играат брза кошарка. Тие имаат квалитет да ја казнат секоја наша грешка. Не велам дека тоа секогаш им поаѓа од рака, но имаат квалитет да го сторат тоа – вели македонскиот селектор.