Фестивалот „Охридско лето“ ја слави културата, а културата не е култура ако зад неа не стои јазик, истакна министерот за надворешни работи на Република Србија Никола Селаковиќ кој синоќа пред настапот на српскиот виолинист Стефан Миленковиќ и камерниот ансамбл „Камерата“ од Нови Сад, пред присутните се обрати на македонски јазик.
За време на Фестивалот забележа дека Охрид се претвора во духовна престолнина на Република Северна Македонија, каде гостуваат светски познати изведувачи.
Изразувајќи благодарност за организацијата на Српска вечер во рамките на фестивалот, посочи дека покрај Миленковиќ и „Камерата“ на годинашното издание ќе настапат и Оркестарот на операта на Српскиот народен театар од Нови Сад, пијанистот Александар Плевмановиќ, виолончелистката Ирена Јосифовска, како и Нардониот театар и Југословенскиот драмски театар со претставите „Војна и мир“ и „Вујко Вања“.
Задоволството е дотолку поголемо што музичката уметност на Република Србија, која има долга и богата традиција, вечерва ќе ја претстави нашиот прославен виолинист Стефан Миленковиќ. Стефан е уметник од светска класа, чии настапи ширум светот ги воодушевуваат љубителите на музиката, рече Селаковиќ.
„Охридско лето“, за директорката Наташа Поповиќ, е предизвик, секоја следна година да биде поголемо и позначајно, да се надополнува и надградува, а со поддршката на Министерството за култура и амбасадите успеваат да донесат, како што нагласи, плеада славни и реномирани уметници.
Дозволете ми најискрено да ви се заблагодарам за вашата поддршка со која успеавме заедно со вас да направиме уште едно возвишено фестивалско издание кое ќе остане во фестивалската историја како успешна приказна достојна за оваа, за нас, најзначајна музичко-сценска манифестација, рече Поповиќ.
Публиката во амфитеатарот на Долни Сарај уживаше во совршената магична атмосфера на проектот „Кармина Бурана“, во режија на Ана Крстајиќ, а во изведба на светски познатиот виолинист Стефан Миленковиќ и ансамблот „Камерата“ Нови Сад.
OhridNews