Проблемот со водата за пиење во Струга има политичка позадина како и исклучувањето на електричната енергија во училиштата, смета градоначалниот на Струга Зиадин Села. Според него тоа е своевиден притисокот врз неговата општина и новата партија чиј лидер е тој, за тие да се прикажат како неспособни. Села тврди дека РЕ Водовод издвоила средства за набавка на хлор кој не бил доставен од МЈП Проаква со кое раководи охриѓанец, а Дирекцијата за храна и центарот за јавно здравје наместо службено да ја известат општината за проблемот, најпрвин ги информирале медиумите.
-Колку повеќе ќе сме на терен тие повеќе ќе се обидуваат со вакви работи, ама тука се гледа колку се бескруполозни тие што прават афери и се подготвени да си играат со децата и со здравјето на граѓаните и да прават политика на нивни грб, тоа е многу лоша порака.– изјави Села.
Последните анализи направени во регионалниот центар за јавно здравје во Охрид покажаа дека водата од водоводот во Струга сега бактериолошки е исправна и во сеобе ги содржи потребните количини на хлор. Оттаму предупредуваат дека и покрај негативните наоди на последните микробиолошките испитувања, водата од струшкиот водовод се уште не е за употреба, бидејќи е потребно добиените резултати да се потврдат три пати последователно. Минатата недела во струшкиот водовод беше утврдено присуство на колиформни бактерии опасни по здравјето на луѓето, што според одговорните во ЈП Водовод Струга се должи на недостиг на хлор, како и дека тој проблем во меѓувреме е надминат.
Општина Струга бара МЈП Проаква да обезбеди редовно снабдување со хлор на ЈП Водовод Струга, а во случај на повторување на проблемот најави дека ќе бидат поднесени соодветни пријави против одговорните лица.
Г.М.