На Единиците на локална самоуправа – ЕЛС, не им е во интерес да се има предвремени избори, затоа што во тој случај тие, како и институциите на целата држава не ќе можат подолг период нормално да ги обавуваат своите функции. Ова денеска го изјави градоначалникот на Струга и предводник на крилото за реформи во ДПА Зиадин Села, по средбата со амбасадорот на ЕУ во Македонија Аиво Орав.

-За ЕЛС предвремените избори не се добра работа. Минатата година изгубивме 6 месеци ништо не смееш да направиш, ако пак изгубиме 6 месеци, пак иста ситуација. Како што се одржуваат избори од 2008 година наваму нема 4 години мандат, туку две, имајќи предвид дека секои две години има избори што доведува до застој во работата на институциите, рече Села.

Што се однесува до актуелната политичка ситуација, Села смета дека е потребна храброст за да се изнајде решение за излез од неа. Според него ДУИ треба да излезе од владата, со што ќе се отвори можност за формирање техничка влада.

-Минатата година ДУИ направи политичка криза со барањето за консензуален претседател, што очигледно беше политичка игра, по што се отиде на предвремени парламентарни избори, по кои истите коалициони пратнери најдоа заеднички јазик. Во целата ситуација сега ДУИ ќути и ништо не кажува, а ова е поголем скандал од измислицата за консензуален пртседател. ДУИ треба да излезе од владата и со тоа ќе се изнајде политичко решение, граѓаните ќе се успокојат и ќе се стабилизира и политичката ситуација во Македонија. Доколку ДУИ излезе од влада се знае дека ќе се формира техничка влада, а токму за тоа цело време се зборува и се бара решение. – истакна Села.

Според него скандалот со прислушкувањето лошо се одразува на државата и животот на граѓаните без разлика на етничката припадност, затоа што не се знае која е вистината.

-Ако е вистината дека секој ден со телефонски разговори се уценуваат граѓани, бизнисмени, бизниси, не треба да се дозволи и понатаму да се планираат такви уцени. Органите на државата се гледа дека целосно се под политичка контрола и не треба само да се седи и да се гледа што ќе се случи. – рече Села.

Според него излез од кризата може да се постигне само преку Собранието на Република Македонија, а не преку некој друг орган и затоа треба да се изнајде решение, а тоа е формирање на техничка влада, а аферата со прислушкување да се искористи да се декриминализира политиката за во иднинина никогаш повеќе да не се случуваат такви работи.

Села вели дека граѓаните не се заинтересирани за конфликт и не сакат меѓуетнички тензии, а доколку се случи нешто такво, виновна ќе биде политика.

-Не се работи за проблем помеѓу Албанците и Македонците или други етнички заедници, туку се работи за една влада која ги контролира сите други власти во државата и законодавната и судската власт, а ги контролира и медиумите. Тоа е основиот проблем. Секоја евентуална дестибилизација од етнички аспект повеќе од јасно е дека ќе биде предизвикана од политиката за да го покрие скандалот со прилсушкувањето.-изјави Села.

Тој упати критики и до лидерот на СДСМ, посочувајќи дека граѓаните веќе губат интерес за аферата со прилсушкувањето.

-Досадно е два месеца да се слуша само Гордана Јанкулоска, треба нешто друго. Фактот што до сега не се објавени прислушкувани разговори од политичарите Албанци дава лош знак дека Заев сака во иднина политички да дејствува како Груевски со албанскиот коалиционен партнер. Проблемот во државава е со политичарите Албанци кои „стојат“ во фиока на некој, тоа значи уцена. Фактот што во прислушкувањето нема ништо за Али Ахмети и Мендух Тачи, има само мал дел, говори дека Заев тактизира и бира кој ќе му биде идниот коалиционен партнер за да го држи под заложништво.-додаде Села.

Инаку на средбата со евроамбасадорот Орав, меѓу другото, станало збор и за актуелната политичка криза во земјата, а се разговарало и за можностите за искористување на ИПА фондовите преку трансгранични проекти што заеднички би ги реализирале Македонија и Албанија. Орав по средбата со Села ги одбегна новинарите и не даде изјава. 

Г. Момироски