Туристичкиот бисер во Македонија Охрид, активно со спортски манифестации ќе се приклучи кон одбележувањето на интернационалниот ден на спортот и здравјето.

– Со одлука на Обединетите нации во 2013 година, денешниот ден се прогласи за ден на спортот, како што ние го прославуваме, но светот денешниот ден го одбележува како Ден на спортот за развој и мир. Поради неговиот голем дофат, сигурност, популарност и основа на позитивните вредности, спортот е идеално позициониран да придонесе кон целите на Обединетите нации за развој и мир.За да се подигне свеста на овој потенцијал, 6 април е прогласен за Меѓународен ден на спортот за развој и мир (ISDP) од страна на Генералното собрание на ОН. Со донесувањето на овој ден Обединетите нации го признаваат и потврдуваат позитивното влијание на спортот кое го има врз унапредувањето на човековите права, како и социјалниот и економски развој. – рече првиот човек на Асоцијацијата „Спорт за сите – сите за Спорт“, Иван Цветкоски.

Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите – сите за Спорт“ која неодамна имаше своја презентација пред охриѓани ќе го организира својот прв настан. 

– Ние уште при промоцијата на Асоцијацијата на Спортови СПОРТ ЗА СИТЕ – СИТЕ ЗА СПОРТ го закажавме нашето прво дружење со граѓаните на Охрид на денешниот ден се со цел да се приклучиме кон сите што го одбележуваат овој ден и пред се да ги промовираме позитивнте вредности преку спортските активности кои ќе се организираат. За нас немаше посоодветен ден за да ја организираме нашата прва активност посебно имајќи во предвид дека и утрешниот ден, Ден на здравјето, е ден многу блиску поврзан со спортот, фигуративно да се искажам, едно без друго не можат. Како што ја известувме јавноста денеска во 17 часот во ОУ Григор Прличев организираме спортско дружење со граѓаните. Ќе има многу спортски активности и презентации на спортски вештини, вештини и техники за укажување на прва помош и реанимација, како и промоција на здрава храна. Од 19 и 30 започнува ЕХО фестивалот (фестивал на планински филм) за повозрасните наши сограѓани и тоа ќе се случи во Lounge Bar NOA додека за најмладите ЕХО фестивалот ќе го промовираме во ОУ Христо Узунов утре со почеток од 11 часот. Како дополнителна активност во соработка со алпинистички клуб Патагонија на децата ќе им се презентираат алпинистичка опрема со практично показни вежби на алпинистички техники кои ќе се одржат во спортската сала при училиштето. Последната активност која ја организира Црвен Крст – Охрид а ние сме како подржувачи ќе се одржи на плоштадот Св. Климент Охридски каде тимови од Црвен Крст ќе вршат бесплатни здравствени прегледи преку контрола на крвниот притисок, ЕКГ и шеќер во крв. Тимовите за прва помош на Црвен крст Охрид ќе вршат презентација на вештини и техники за укажување на прва помош и реанимација. Активностите ќе бидат проследени и со промоција на производите на здрава храна од фирмата БИО КОСМОС кои ќе имаат свои штандови со производи. – потенцираше Цветкоски.

Асоцијацијата посакува секој ден на граѓаните на Охрид и Македонија да им е исполнет со спорт и добро здравје. 

– Ние како Асоцијација на Спортови СПОРТ ЗА СИТЕ – СИТЕ ЗА СПОРТ сакаме Ден на спортот да биде секој ден од годината. Како што можете да видите и самото име на нашата асоцијација го бара тоа, го сака тоа, затоа што ние сме длабоко убедени дека најмоќниот светски јазик спорот е и најмоќна алатка за подобро утре за сите нас од секој аспект, како здравствен така и социјален, општествен и економски. Веруваме во паролата, Охрид Спортски град, веруваме во вредностите на спортот, а најповеќе веруваме во нашите граѓани дека го сакаат спортот и сакаат повеќе да се дружат со спортот. – заврши Цветкоски.

OhridNews