Според споменатата студија, околу 28.2 проценти од второодделенците го имаат истиот проблем. Се смета дека 20 до 40 отсто од децата, како и 80 проценти од адолесцентите целиот живот ќе бидат соочени со проблемот со прекумерна телесна тежина.
Дебелината кај децата во Македонија е трипати зголемена во последните 30 години. Тоа се должи на преголемото внесување калории во споредба со нивното трошење. Меѓу клучните причини за зголемената телесна тежина се лошите навики за исхрана и слабата физичка активност на децата. Дебелината создава ризици за повеќе заболувања, меѓу кои е и дијабетесот, болест што последниве години достигна степен на епидемија.
Еден од начините на коишто тоа може да се спречи е промената на свеста и навиките во исхраната, поради што беше организиран едукативно-забавниот караван „Ново нордиск бајка: Со здрави навики го менуваме дијабетесот“.
За да испратат порака дека токму лошите навики во исхраната се главниот ризик-фактор за дијабетес, „Златните славејчиња”, предводени од музичката ѕвезда Влатко Илиевски, зедоа учество во забавно-едукативниот караван „Ново нордиск бајка” од маскоти на овошки и зеленчуци, кој се одржа неодамна во Охрид, Битола и Скопје. Карванот го организираше компанијата „Ново нордиск”, светски лидер во борбата против дијабетесот. На тој начин најмладите ѕвезди укажаа дека единствен начин да се застане на патот на дијабетесот е преку градењето свест за конзумирање здрава храна, пред сè, овошје и зеленчук, како и редовна физичка активност.
На неодамнешниот европски конгрес за дијабетес, што се одржа во Лисабон од 12 до 16 септември годинава, Меѓународната федерација за дијабетес објави дека бројката на луѓе заболени од дијабетес во светот во 2011 година достигна застрашувачки 366 милиони луѓе. Годинава, секој седум секунди еден човек починува од дијабетес. Во Македонија, бројот на дијабетичари постојано се зголемува и засега изнесува околу 120.000, од кои 45.000 се во Скопје.