Косовскиот претседател Фатмир Сејдиу ја откажа посетата на Македонија, планирана за денеска, бидејќи македонската страна го сменила карактерот на посетата, соопшти кабинетот на Сејдиу.
Официјална Приштина на ваков потег се решила откако посетатаа го сменила карактерот од официјална во работна и без државнички церемонии, што било причина таа да се откаже. Во соопштението од кабинетот на Сејдиу се наведува дека претседателот Сејдиу и институциите на Република Косово остануваат определени за добрососедски односи со сите земји во опкружувањето, особено со соседите, давајќи им на тие односи тежина и сериозност која ја заслужуваат.
Медиумите на Косово пренесоа дека било планирано денешната средба меѓу Иванов и Сејдиу да биде организирана без официјална церемонија, и тоа во Охрид, а не во резиденцијата на македонскиот претседател во Скопје. Тоа според косовските медиуми е оценето како уште еден „дипломатски гаф“ од страна на Македонија кон Косово, откако Скопје не го покани косовскиот претседател да присуствува на неодамнешната инаугурација на новиот шеф на македонската држава.
Кабинетот на македонскиот претседател изрази жалење поради одложената средба.
– Лидерите на балканските држави имаат голема одговорност да работат кон надминување на сите евентуални недоразбирања или наследена недоверба со цел да се обезбеди просперитетна иднина на нивните граѓани, се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов.