Покрај нивото на езерото, кое секојдневно расте, охриѓани деновиве ги загрижи уште едно прашање -Дали се вистинити информациите кои деновиве се пласираа во некои медиуми, дека на Охрид му се закануваат земјотреси?
 
Експертите за сеизмологија изненадени од ваквите  шпекулации, апелираат до надлежните институции и граѓаните,  да не се соопштуваат неопроверени и неосновани информации, кои предизвикуваат паника кај населението. Тие тврдат дека покаченото ниво на езерото и поплавите во охридско, не можат да предизвикаат  земјотреси.

– Земјотрес не може да се предвиди! Појавата на поплави на одредено подрачје, поради зголеменото ниво на реките и езерата, кое е предизвикано од поголеми врнежи на дожд и снег, не значи дека ќе има земјотреси.-ни изјави во телефонски разговор д-р Вера Чејковска, од Сеизмолошката опсерваторија на Природно математичкиот факултет од Скопје.

Голем дел од граѓаните со кои разговаравме, се лути што јавно се изнесуваат и пренесеуваат разни тези и ставови дека Охрид допрва го очекувале проблеми со тектонски поместувања на земјиштето, кои нема да можат да се споредат со проблемите со поплавите.

– Навистина претераа! Кој треба и кој не треба  ја користи ситуацијата да излезе на медиуми и да дава свои  “експертски” анализи. За ова што го зборуваат дека претстои опасност од излевање на езерото е во ред, но не треба дополнително да ги плашат граѓаните и да креваат беспотребна  паника кај населението дека, на лето или догодина во Охрид ќе имало големи земјотреси. – изреволтирано коментираат охриѓани.

Тие нагалсуваат дека  изјавите за можни природни непогоди, се голема антиреклама за Охрид, во престојната туристичка сезона.

Е.Е.