Ракометниот клуб Вардар ќе ја брани титулата во регионалната СЕХА лига. Предизвикувач на „црвено црните“ во финалниот натпревар ќе биде унгарскиот гигант Веспрем.

Избраниците на Стефче Алушовски во полуфиналето од фајнлфор турнирот во Задар славеа против составот на Загреб после изведување на пеналите. Регуларниот дел од мечот заврши 26-26, а „вардарци“ со 4-3 славеа во пенал рулетот.

Вардар во 50-та минута од натпреварот имаше негатива од шест погодоци (23-17), но со фантастичен финиш успеа да стигне до егал 26-26. Во пенал серијата за Вардар голови постигнаа Дибиров, Вујин, Јотиќ и Дисингер додека Ристовски одбрани два од петте удари на хрватите.

Финалните натпревари од завршниот турнир во СЕХА лигата се играат в недела. Прво на програмата е малото финале во кое ќе се сретнат Мешков Брест – Загреб, а во 20:30 часот ќе се судрат Вардар и Веспрем во финалето.

OhridNews