Составот на Еурофарм Пелистер не успеа да обезбеди позитивен резултат на гостувањето во Нашице, претрпувајќи пораз од Нексе 23-20 во првиот натпревар од осминафиналниот двомеч во СЕХА лигата.
„Фармацевтите“ во реваншот кој ќе се одигра за десеттина дена во Битола немаат право на грешка и мора да победат со три или повеќе погодоци разлика. Во 1/4 финалето подобриот од дуелот Нексе – Еурофарм Пелистер ќе се судри со Вардар.
Македонскиот вицепрвак одигра со големи осцилации во текот на двете полувремиња. Домаќините добро го отворија мечот и поведоа со 4-1. Битолчани, брзо се созедоа и до крајот на првиот дел успеаја да дојдат до егал 9-9. Нексе со погодок во последниот напад обезбеди минимална предност.
На стартот од второто полувреме, Нексе со 3-0 серија стигна до највисока предност од 4 погодоци. „Фармацевтите“ на најголема негатива одговорија дрско и стигнаа до еден гол негатива 21-20. Во финишот осцилациите се вратија и Нексе со два голови дојде до конечен триумф 23-20.
Баришиќ и Кевиќ реализираа по четири голови за Нексе, додека во тимот на Ееурофарм се истакнаа Остроушко со осум и Јотиќ со седум голови.
OhridNews