Битолски Еурофарм Пелистер имаше успешен почеток на новата сезона во регионалната СЕХА лига, победувајќи ја Металопластика со 30-26 (12-14), на домашен терен во спортската сала „Боро Чурлевски“.

„Фармацевтите“ одиграа одлично второ полувреме, кое ги одведе до победата. Но голема дамка на победата остави првиот дел во кој битолчани комплетно потфрлија и ги повторија грешките од минатите мечеви.

На почетокот од мечот, домаќините поведоа, но често грешеа во двата правци и на противникот му дозволуваа лесни погодоци. Гостите во финишот се разиграа уште повеќе и со серија од 5-1 на одмор заминаа со плус два, 14-12.

„Пелистерци“ за кратко време во второто полувреме ја анулираа негативата. Од 41-та минута го презедоа кормилото на натпреварот и отидоа до победа за успешен старт на новата сезона во регионалното друштво.

Во листата на стрелци се истакнаа Јосип Периќ кој постигна 8 погодоци од 9 обиди и Стипе Мандалиниќ кој застана на 6 погодоци од 12 удари. Кај гостите најефикасен беше Дејан Бабиќ со 7 погодоци.

OhridNews