Вардар доминантно стигна до првата победа во регионалната СЕХА Гаспром Јужен тек лига. Пред своите навивачи во реновираната сала во СРЦ Кале, „црвено-црните“ славеа против Партизан со 33:26 (15:10) во натпреварот од 2.коло.

Вардарци беа доминантни во текот на целиот меч. Алекс Душебаев и Матјаж Брумен со по шест гола беа најефикасни во составот на Вардар, а голманскиот двоец, Страхиња Милиќ и Златко Даскаловски искомбинираа вкупно 18 одбрани. На спротивната страна, кај Партизан прв стрелец беше пикерот Мијајло Марсениќ со седум погодоци.

– Сметам дека сме во нагорна линија, го покажавме тоа во првите 23-24 минути кога примивме само 5 гола.  Профункционира и поддршката од голманите и со квалитетен настап на голманите не беше доведен во прашање резултат. Победи искуството, и подобриот квалитет. Партизан се покажа како квалитетен ривал вечерва.  Од денешната средба ќе треба да подобриме некои 20-30 проценти за да бидеме на посакуваното ниво, а ќе сториме се да ја исправиме или да ја сведеме на минимум тактичката недисциплина во нашата игра.-изјави по натпреварот тренерот на Вардар Зоран Кастратовиќ.

-Му честитам на Вардар на победа. Во ниту еден момент нивната победа не беше доведена во прашање, за наша жал. На нас е да учиме и да стекнеме искуство против ваков клуб и ваков стручен штаб. Колку и да ми беше чудно, ние губиме од поискусни од нас. Им посакувам многу среќа во Лигата на шампиони, и на остварување на следните цели.-изјави тренерот на Партизан Александар Брковиќ.

Во следното коло од регионалната СЕХА лига, на 25 септември, Вардар во Белорусија му гостува на Динамо Минск.

OhridNews
фото:РК Вардар