Македонскиот ракометен вицешампион Еурофарм Пелистер не успеа да обезбеди пласман на завршниот фајналфор турнир во СЕХА лигата, откако попладнево загуби на гостувањето кај Мешков Брест со 35:31 (18:14) и со два пораза ја заврши четвртфиналната пресметка со белорускиот шампион.

Еурофарм Пелистер допатува во Брест со желба да ја анулира негативата од четири голови (27:31) од првиот натпревар во Битола, но амбициите на македонскиот тим згаснаа веќе на средина на првото полувреме кога при резултат 5:5, Мешков Брест влезе во серија од 6:0 и поведе со високи 11:6 по 20 минути игра.

Белорускиот шампион до крајот на натпреварот рутински ја одржуваше предноста и му се приклучи на Веспрем на завршниот турнир што од 3 до 5 септември ќе се одржи во Задар.

Вториот македонски претставник во регионалната ракометна лига, шампионот Вардар 1961, во вторник му гостува на хрватскиот првак ППД Загреб со предност од четири голови разлика од првиот четвртфинален натпревар во Скопје.

OhridNews