Државата не се откажува од изградба на елитен хотел на атрактивното земјиште во Горица. Министерството за транспорт и врски деновиве по четвти пат распиша јавен оглас за продажба на 15.877 метри квадратни државно градежно земјиште во Горица. Предвидената површина за градба е 6667 метри квадратни, а намената исклучително е за хотелски комплекс.

Претходно пропаднаа три обиди на Владата да  го продаде земјиштето во комплексот Горица. На последното јавно наддавање што требаше да се одржи на 24 јули, не се пријавил ниту еден инвестотор. Од Министерството за транспорт и врски, за „Ohridnews“ тогаш изјавија дека ќе биде распишана нова објава, а потенцијалните инвеститори ќе се анимираат преку економските промотори и амбасадите. Според најавите нема да има промена во критериумите за продажба, односно за атрактивната локација ќе може да конкурираат само оние инвститори  кои поседуваат синџир од најмалку 5 хотели.

Обидите на владата да привлече светски хотелски бренд во Охрид траат три години. Се спомнуваа имињата на „Хилтон“ и „Есксцелзиор“, а се шпекулираше и со инвеститори од Турција. Никој од нив не пројави конкретен интерес да инвестира во Охрид.

За разлика од неуспешните напори за привлекување познат бренд во Горица, се очекува поголем интерес да има за државното градежно земјиште кај Билјанини извори кое исто така е наменето за изградба на хотел.


Ќе никне хотел кај Билјанини извори

Вкупната површина на оваа парцела изнесува 13.500 метри квадратни, а површината за градба 6725 метри квадратни. Максимално дозволената висина на објектот е ограничена на 16,2 метри.

Г. Момироски