На Филмската академија при Универзитетот за информатички науки во Охрид, вечерва, за прв пат, се одржа јавна проекција на филм. Беше прикажан филмот „Медена ноќ“ на режисерот Иво Трајков, кој присуствуваше на настанот заедно со продуцентот Роберт Јазаџиски. Со овој настан всушност започна практичната настава на академијата, што како што нагласи режисерот Трајков е вообичаена пракса на специјализираните високообразовни установи за филм.
На проекцијата на филмот кој е македонски кандидат за номинација за Оскар, присуствуваа градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески и заменик министерот за образование Спиро Ристоски, кој нагласи дека во рамки на наставата на академијата еднаш неделно ќе се прикажува филм.
Градоначалникот Бакрачески изрази надеж дека ваквите настани паралелно со работата на филмската академија ќе бидат почести и ќе ја збогатат културната понуда на Охрид.
– Покрај Министерството за образование и наука и ние како локална власт сме тука да дадеме силна поддршка на овој проект. – рече Бакрачески.
Тој истакна дека локалната самоуправа помогнала во уредување на просториите со што се овозможува нормално функционирање на академијата. Од друга страна општината ќе користи услуги за настани коишто се од големо значење за локалната самоуправа, рече Бакрачески.
-Прв таков настан е патрониот празник на Охрид – Св. Климент Охридски кој го одбележуваме на 8-ми Декември. Филмската академија од Охрид активно ќе се вклучи во одбележувањето на овој значаен датум. – додаде градоначалникот Бакрачески.
Филмот „Медена ноќ“ во кој главните улоги ги играат Никола Ристановски и Верица Недевска, по премиерата на Скопскиот филмски фестивал и презентацијата во Берлин и Кан, деновиве се прикажува на три меѓународни филмски фестивали – во Германија, Холандија и Грција.
Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија и Националниот фонд за кинематографија на Република Чешка и претставува копродукција помеѓу Македонија (Кавал Филм), Чешка (i/o post и Soundsquare од Прага) и Словенија (Aatalanta, Љубљана), со учество на Македонската радио телевизија и Радио телевизија Словенија.
OhridNews