Во рамки на програмата за презентација на туристичките потенцијали на земјата во светот, за првпат Македонија е презентирана во магазинот на Европската Унија “The Parlament” – специјално издание „Parlament Magazine Special South East Europe Tourism Edition“.

Магазинот се дистрибуира до сите  членови на Европската комисија, до членови на комитетите од регионите, до земјите членки на Европската Унија, до министрите за туризам и Европските туристички прес организации.

Во делот на презентацијата за Македонија поместен е текст под наслов „Седумте чуда на Охрид“, од професорот на Факултетот за туризам и угостителство од Охрид,  Зоран Тунтев, во кој тој го претставува македонскиот туристички бисер.

„Според познатото телевизиско шоу „Кој сака да биде милионер“(2007) Охрид е најстариот град во светот со континуирано живеење. Всушност според многу историчари античкиот Лихнидос-градот на светлината бил создаден во 4-от век п.н.е., но луѓето живееле тука повеќе од 8000 години. Сигурно дека има постари градови на други места на Земјата но тие на некој начин биле разрушени или напуштени од различни причини:земјотреси, поплави, вулкани, ерупции, болести, војни. Овде во Охрид од самиот почеток, па се до ден денешен животот тече, без престан, без крај“, ќе напише професор Тунтев


„Седумте чуда на Охрид“ пред европската јавност

Во текстот Тунтев се осврнува на најзначајните личности, случувања и архитектонски знаменитости на Охрид низ вековите.

„Охрид е единственото место во светот кое има двајца светци кои живееле во ист период-Св. Климент Охридски (840-916) и Св. Наум Охридски (830-910) и кои оставиле силен печат на нивното постоење. Овие две извонредни личности, најдобрите ученици на Кирил и Методиј, всушност се најучените луѓе во нивно време.Помеѓу нивните достигнувања тие секогаш ќе бидат запаметени  како основачи на Првиот Универзитет во Европа (893) сместен во срцето на Охрид, многу пред формирањето на Болоњскиот Универзитет во 1088“, пишува Тунтев.
 
Понатаму професорот Тунтев го опишува периодот на средниот век кога во Европа владеела колерата и многу други смртоносни болести кои уништиле многу градови. Во тој период Охрид  заштитен со силни ѕидини ги затворал своите порти, а единствено во градот можело да се влезе преку Долна Порта. Тука  сите новодојдени морале да поминат период на карантин во двете болници кои се наоѓале веднаш до Долна Порта во црквите Св. Богородица Болничка и Св. Никола Болнички.

Професорот Тунтев ќе биде дел од општинската делегација која ќе земе учество на европскиот саем за презентација на градовите, кој се оранизира во рамки на Самитот на Европската Унија . Станува збор за манифестација на која позначајните градови од Европа, ги претставуваат своите потенцијали, достигнувања и предности во областите  кои се карактеристични за нивниот развој. Охрид ќе биде единствениот град од Македонија, кој до сега настапил со своја презентација на овој саем. Во рамки на овој настан во организација на магазинот „The Parlament“ ќе се одржи конференција на тема:“Туризмот во Југоисточна Европа“, на која учество ќе земат и македонските претставници на саемот.

Ohridnews