На барање на Амбасадата на Македонија во Белгија, оваа недела во Брисел  ќе отпатува делегација од Охрид, која ќе ги претставува туристичките потенцијали на нашиот град пред Европските парламентарци и пред неколку белгиски туроператори и агенции.

По тој повод пред една недела градот Охрид беше домаќин на еден од најголемите туроператори во Белгија “Тофи Турс“, чии претставници беа поканети од прва рака да се уверат во убавините на македонскиот туристички бисер и во квалитетот на хотелските капацитети. Според проф. д-р Зоран Тунтев, задолжен за организација на целиот настан, текстот под наслов  “Седумте чуда на Охрид”, објавен во новогодишното издание на престижниот магазин “The Parlament” предизвикал големо внимание  во Брисел.

– Ова  е најдобар начин за туристичка презентација на Охрид и Македонија во срцето на Европа и одличен пример за тоа како треба да се делува на промотивен план.- вели професорот Тунтев.  

Покрај предавања и презентација на печатени материјали и видео записи за Охрид, македонската амбасада ќе организира и дегустација на храна и вино од нашето поднебје со традиционална македонска музика. Главен протагонист во целиот овој настан е и авио компанијата „Sky Wings“, чии претставници во иднина предвидуваат и отворање на директна авио линија на релација Брисел – Охрид.

Промоцијата на Охрид во административниот центар на ЕУ е закажана за петок, 26 март во 20:00 часот, во просториите на Македонската Амбасада во Брисел.

OhridNews