Во спомен на жртвите од трагичната несреќа во Кочани, од денеска е седумдневна жалост на територија на цела држава. Националното знаме на земјава денеска ќе се вее на половина копје.

Одлуката беше донесена на вчерашната вонредна владина седница, по трагичниот настан што се случи вчера наутро во Општина Кочани каде во несреќен случај при пожар на дискотека животот го загубија 59 млади лица, а над 100 луѓе се хоспитализирани и им се укажува лекарска грижа.

Секој да се придржува до одлуката, бидејќи казните за непочитување ќе бидат ригорозни. Во овие денови Министерството за надворешни работи ќе отвори книга на жалост во рамки на министерството за огромната несреќа која се случи, се наведува во соопштението од Владата.

Посочуваат дека во соработка со Министерството за внатрешни работи и другите институции надлежни за целосно расчистување на случајот се прибираат материјални докази и дека секој еден којшто е инволвиран во овој трагичен настан и свесно придонел за загрозување на човечките животи ќе биде изнесен пред органите на правдата и соодветно ќе одговара.

Целиот здравствен и медицински тим во сите здравствени установи е на располагање и пружи здравствена нега и помош за брзо закрепнување на повредените, додаваат во соопштението.

Охриѓани сочувствуваат со семејствата на жртвите од оваа незапамтена трагедија. Државното знаме на јарболот во центарот на Охрид е на половина копје.

OhridNews