Во Полска е објавена седумдневна жалост по повод смртта на претседателот Лех Качински, неговата сопруга и видни личности од политичкиот живот. Русија, каде се случи авионската несреќа, денешниот ден го прогласи за Ден на жалост во знак на почит кон жртвите во трагедијата кај Смоленск.

Истражните органи вчера попладне ги пронајдоа двете црни кутии од авионот со кој патуваше претседателот Лех Качински и веќе е започната експертизата врз нив. Кон местото на несреќата се упатија премиерот на Полска, Доналд Туск и братот-близнак на загинатиот претседател, Јарослав Качински.

Телеграми со сочувство до полскиот народ пристигнуваат од целиот свет. По повод големата авионска несреќа во католичката црква Пресвето срце Исусово во Скопје вчера се одржа миса на која присуствуваше комплетниот државен врв на Македонијам, кој изрази длабоко жалење за трагедијата.

Авионот од типот Туполјев 154 се урна вчера во 11 часот по локално време при обид да слета на аеродромот Смоленск во услови на магла и намалена видливост, поради што три пати претходно било одложено слетувањето. Во несреќата загинаа 97 лица, меѓу кои 88 високи државнифункиционери и армиски офицери на Полска

OhridNews