На Самитот на претседатели на држави од Централна Европа, што од 2-ри до 5-ти мај ќе се одржи во Охрид седумина шефови на држави ќе бидат придружувани од сопругите. Во Охрид со својата поубава половина ќе допатуваат претседателите на Полска, Чешка, Црна Гора, Украина, Турција, Албанија и Молдавија. Во нивна чест како што дознава Ohridnews, ќе биде организирана посебна – дамска програма. Сопругите на претседателите во Охрид ќе бидат придружувани од македонската прва дама Јасна Црвенковска.
Престедателот со сопругата Јасна
Самитот на претседатели на државите од Централна Европа, кој се смета за најзначаен политички настан во Македонија во 2008 година, ќе го следат околу 200 новинари. Во активностите на овој политички форум учествуваат осумнаесет европски земји: Албанија, Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Германија, Унгарија, Италија, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Полска, Романија, Србија, Словачка, Словенија и Украина.
Во Охрид во тек се забрзани подготовки за претседателскиот Самит. Се дотеруваат улиците во стариот дел на градот, се чистат коловозите и се уредуваат парковите. За подготовките на Самитот денеска во Охрид ќе разговараат градоначалникот на Охрид Александар Петрески и претставници на кабинетот на претседателот Црвенковски.
Г. Момироски