Седум големи онлајн платформи и пребарувачи до Европската комисија ги доставија своите први извештаи за транспарентност, како дел од нивните обврски предвидени со Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА), јави дописникот на МИА од Брисел.

Како што соопшти денеска Еврокомисијата, станува збор за Амазон, ЛинкедИн, ТикТок, Пинтерест, Снапчет, Заландо и Бинг.

Рокот за доставување на извештаите за транспарентност од страна на останатите големи онлајн платформи и пребарувачи истекува на 6 ноември.

Согласно Законот, за многу големи онлајн платформи и пребарувачи се прогласни Фејсбук, Инстаграм, ТикТок, Икс (поранешен Твитер), Јутјуб, Снепчет, Линкедин, Пинтерест, Амазон, Букинг, АлиЕкспрес, Заландо, Гугл Шопинг, Гугл Срч, Гугл Мапс, Бинг, Википедија, Гугл и Епл. Станува збор за интернет платформи и пребарувачи, кои според статистичките податоци, месечно ги посетуваат над 45 милиони Европејци. Тие имаат обврска да ги објавуваат овие извештаи за транспарентност на секои шест месеци.

Платформите со помалку од 45 милиони корисници и посреднички услуги, исто така, ќе треба да објавуваат годишни извештаи за транспарентност штом ДСА ќе почне да важи на нив во февруари идната година.

Извештаите треба да обезбедат транспарентност и отчетност во однос на умереноста на содржините објавени на интернет во корист на граѓаните, истражувачите и регулаторите, што според ЕУ, треба значително да придонесе за зајакнување на јавниот надзор и одговорност.

Извештаите за транспарентност мора да вклучуваат информации во врска со умереноста на содржините на услугите на платформите, со детали за бројот на известувања што ги добиваат од корисниците, бројот на делови од содржината што се отстранети по иницијатива на платформата, бројот на наредби за преземање мерки добиени од релевантни национални судски или административни органи, како и точноста и стапката на грешка на нивните автоматизирани системи за ублажување на содржините.

Извештаите мора да содржат и информации за тимовите за ублажување на содржините, вклучувајќи ги нивните квалификации и лингвистичка експертиза, посочува ЕК.

OhridNews