Во селото Г. Лакочереј, жителите веќе седум години користат неисправна вода. Испитувањата на Републичкиот завод за здравствена заштита- РЗЗЗ покажале дека во водата од селскиот бунар има амоњак, нитрити, нитрати, и зголемено количество на други штетни материи и метали, и дека не смее да се употребува.
“опасна“ вода
Селаните се жалат дека водата има чуден мирис и вкус и жолтеникава боја и велат дека од состојките во неа им страда санитаријата. Во куќата на Благоја Толоманоски затекнавме руинирана када и нагризани цевки. Вака е со години. Болјерот го менував два пати и сега пак ќе го фрлам.Вода за пиење носиме од Охрид.Страдни сме сите од Лакочереј за вода, вели Благоја.
Додека разговаравме околу чешмата во селскиот двор трчкаа неговите внучиња. Водата е опасна а децата се мали не разбираат вели Благоја.
Нешто подолу негов соселанец ни се жали: Машините болјерите мора нон стоп да ги чистиш. Она филтерот од машината мора да го чистиш понабрзо зошто жолтило фаќаат од некоја руда, а после бањаме те чеша кожа.
Претседателот на МЗ село Г. Лакочереј, Климе Тренески, објаснува дека и покрај сериозните предупредувања за штетноста на водата која се употребува како техничка, мештаните не сакаат да се приклучат кон охридскиот водовод.
“Вина нема кај никого ни кај градоначалникот ни кај Проаква. Тие се расположени да не обезбедат со вода ама ние не сакаме да го дајме вододовод, ама немојме да се убедуме со мештаните, тие сакаат да плаќаат евтина вода од 5 денари, наводно ако дојлдел градски водовод ќе била 40 јас би плати 60 денари ама да имам вода за пиење“, вели Тренески.
Надлежните предупредуваат дека резервоарот во Г. Лакочереј мора да биде затрупан затоа што употребата на загадената вода од него може да има далекусежни последици по здравјето на луѓето од поширокиот регион бидејќи таа се користи и за наводнување на земјоделските површини.
“На собир на граѓани жителите беа запознати со проблемот, но одлучија неисправната вода да се пушти во водоводот и да се користи како техничка вода. Како техничка вода ние жителите ја знаеме, но таа вода ја користиме и за наводнување на нивите и пак тие бактерии и нитрати, нитрити кои ги има во водата преку храната пак ние ги конзумираме“, вели претседателот на МЗ Тренески. Според него решение е водоснабдувањето да го преземе охридскиот водовод за што треба селото да распише референдум.
Проблемот во селото Г. Лакопчереј е само еден пример, но состојбата генерално е алармантна вели Сашо Точко од Заводот за здравствена заштита-ЗЗЗ-Охрид. “Селата кои што имаат сопствен водовод најчесто во сите анализи што ги прави ЗЗЗ констатира дека тие се без дезинфекциско средство, односно не се хлорирани. Постои опасност за загадување на тие води и појава на инфекции од бактериолошка и микробиолошка природа што е опасно по здравјето на оние кои ја користат таа вода“, вели Точко.
Од ЗЗЗ предупрдуват дека е крајно време локалните самоуправи на Охрид и Дебрца да преземат посериозни мерки за решавање на проблемот со питка вода во руралните средини, бидејќи последиците по здравјето на луѓето можат да бидат многу сериозни.
Г. Момироски
фото: С. Костоски