Една недела по разорниот земјотрес што ја погоди Турција, тимовите сè уште брзаат да спасат преживеани кои сè уште би можеле да бидат под урнатините – иако хуманитарните агенции и властите предупредија дека шансите да се најдат преживеани стануваат сè поневеројатни.
По 167 часа еден маж е спасен од под урнатините во Антакија, во јужната турска провинција Хатај, јави Си-Ен-Ен Турк. Претходно вчера 55-годишна жена беше извлечена од под урнатините по 159 часа, додека 85-годишна жена беше спасена по 152 часа заробена во, како што опиша нејзиниот внук, шуплина широка околу 30 до 40 сантиметри, според Си-Ен-Ен Турк.
Две лица – еден 25-годишен Сириец и едно дете – исто така беа спасени во Хатај околу 151 и 152 часа по земјотресот, соопштија вчера локалните власти.
Според официјални претставници, мажот бил спасен откако спасувачките тимови откриле звуци под урнатините додека вршеле звучно истражување во урнатините на станбена зграда во Антакија.
Технологијата ја користеле и тимови кои пронајдоа дете, чија возраст не е соопштена.
Најмалку 41 лице беа спасени од под урнатините во Турција помеѓу 141 и 163 часа по земјотресот, јави денеска агенцијата Анадолија.
Бројот на загинати надмина 34.000
Најмалку 29.605 луѓе загинаа во двата разорни земјотреси што ги потресоа јужните региони на Турција во понеделникот, соопшти турската Агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД), јави агенцијата Анадолија.
Според податоците на АФАД, повеќе од 233.000 луѓе се вклучени во акциите за претрага и спасување на теренот.
Околу 148.000 луѓе досега се евакуирани од регионите погодени од земјотресите, соопшти АФАД.
Турскиот Парламент во четвртокот прогласи тримесечна вонредна состојба за да ги забрза напорите за помош и да го одржи јавниот ред.
Во овие земјотреси што силно ги потресоа и северните делови на Сирија, животот го загубија најмалку 4.574 лица, а над 5.200 се повредени.
Два разорни земјотреси, првиот со интензитет од 7,7 степени по Рихтер, во понеделникот наутро во 4:17 часот по локално време, со епицентар во округот Пазарџик, и вториот во 13:24 часот, со интензитет од 7,6 степени по Рихтер, со епицентар во местото Елбистан, ги потресоа јужните делови на Турција и северот на Сирија. Епицентрите на земјотресите се регистрирани во турската област Кахраманмараш.
OhridNews