Големиот пожар на Галичица што ноќеска почна да се шири и „спушта“ кон селата Рамне и Велгошти според градоначалникот Петрески ќе биде ставен под контрола. Денес на седница од кризниот штаб беа разгледувани сите опции и ресурси за спречување поголема трагедија. Според информации од центарот за кризи на Галичица горат околу 100 хектари шума.

Сепак сите сили ќе бидат насочени кон спречување пожарот да се прошири до подножјето. На повикот за доброволна помош на бројот 195 се јавиле стотина лица кои им помагаат на противпожарните екипи.

„Центарот за управување со кризи ги координира сите ресурси, луѓе и средства за што побрзо гаснење пожарот. Имаме доволно луѓе на терен, ќе добиеме и странска помош и мислам дека имаме добар план за успешна акција“ изјави Панде Лазаров од Центарот за кризи.

Денес на охридскиот аеродром треба да пристигнат и хеликоптери од контингентот на КФОР во Косово, кои треба да понудат значајна помош. Според Петрески, соработката помеѓу локалната самоуправа и централната власт се на високо ниво (денес во Охрид беше и министерот за финансии Трајко Славески) и ситуацијата за брзо време ќе биде под контрола. Од утре во акција ќе биде уште еден хеликоптер од АРМ.

Пожарот избувна во месноста „Бигла“ на планината Петрино на преспанска страна и според првичните сознанија најверојатно е подметнат. Синоќа од повеќе места во градот можеа јасно да се видат пламени јазици кои во појас од километар ја „голтаат“ шумата.

С.К.