Се носат гломазни и нефункционални планови за вработување во Општината реагираат од опозицијата на денешната одржана седница на Совет. Од локалната посочуваат дека плановите се реални, нема ниту едно вработување плус, само се пополнуваат испразнетите места.
Планот за вработување за Општина Охрид се донесе во август 2024 година и тогаш критикував дека се носат гломазни планови за вработување, дека нема никакво оправдување и апсолутно не е вкусно општина која е меѓу оние со најголем број вработеност во државава, општина која мака мачи со раздолжувањето, во изборна година да носи план на вработување за 11 нови лица, посочи советничката Живка Ангелоска.
Тогаш ми беше објаснето дека планот за вработување за 2025 година е истиот план од 2024 и доколку општината сакала да носи гломазни планови за вработување немала да носи нов акт за систематизација туку намерата со тој акт за систематизација било да се редуцираат работните места за да не се носат вакви планови за вработување, односно со новата систематизација ќе биле намалени 130 слободни работни места, кои биле затекнати во стариот акт. Но, новиот план за вработување не кореспондира со објаснувањето во август 2024 година, затоа што не само што не се намалува потребата на Општината за вработување, туку наместо 11 сега се планираат 13 нови вработување. Со планот се добива впечаток дека повеќе работните места се разграниле и добиле спецификација, а не се редуцирале, истакна Ангелоска.
Не можеме, рече, да не спомнеме дека во истиот тој план за вработување се планирани и 8 унапредувања со што дополнително се оптоварува буџетот на Општината.
Со вакви планови за вработувања не можеме да кажеме дека локалната власт е сериозна во однос на раздолжувањето и по завршувањето на нашиот мандат како советници, повторно задолжувањето ќе биде актуелна тема, ќе се поставуваат прашања зошто не е реализиран ниту еден поголем проект, општината континуирано ќе се задолжува со кредити, краткорочни, долгорочни. Доколку не постоеја вакви планови за вработувања Општината можеби немаше да аплицира за унгарскиот кредит. Нема да го употребам само епитетот гломазни планови за вработување, туку и нефукнционални планови за вработување, додаде Ангелоска.
Кога ќе слушнам од вас за гломазни планови на вработување, навистина ми е чудно, бидејќи вие бевте претседател кога се носеа годишни планови со над 20 луѓе за вработување, реплицираше секретарот на Општина Охрид, Алекснадар Китески.
Во 2023 година предвидовме вработувања за 2024 година, но во 2024 година немаме ниту едно вработување. Во август кога го носевме годишниот план кажав дека ќе има измени и дополнувања со оглед дека се работи нова систематизација и поради тоа се овие измени. Во август имавме 11, сега се 13 од причина што едното е дополнително пензионирање на пожарникар, второто е командир на одделение, кое е од редот на вработените, и да сака некое надворешно лице неможе да е на тоа место. Нема ниту едно плус вработување од тоа што се испразнува. Во однос на унапредувањата ќе има секогаш додека овој градоначалник ја води Општината, зошто немало 30 години. Одговорно тврдам дека бројот на вработени, ниту сега, ниту на крајот на мандатот нема да биде поголем од бројот на вработени што го затекнавме. Од тие 31 вработување преку Агенцијата за вработување што ја чинеа Општината преку еден милион и двесте илјади денари месечно, до крајот на мандатот нема да е ниту 5. Немојте да зборувате за гломазност, истакна Китески.
Ангелоска посочи дека сегашната локална самоуправа не ја има раздолжено општината, туку одблокирано жиро сметката како финален процес кој бил долгорочен и се спроведувал и од претходните состави на власт, на што Китески посочи дека не е спорно дека и претходните локални власти се обидувале да ја раздолжат општината и да го намалат долгот, посочувајќи дека сепак не е исто да се врати долг без помош и со директна помош од Владата.
Н.С.Ј.