Осум деца и лице за обезбедување се убиени, ранети се седум лица, од кои шест деца и еден учител, а две од децата се во критична состојба. Убиецот е ученикот од седмо оделение (К.К.) на возраст од 14 години од ОУ „Владислав Рибникар“ на Врачар, во Белград, која оваа незапамтена трагедија ја планирал еден месец и тоа до најситен детал, беше соопштено на денешната вонредна прес конференција во српската Влада, јави дописникот на МИА од Белград.
Посебно обраќање до јавноста најави и претседателот Александар Вучиќ, вечерва во 18 часот.
Началникот на белградската полиција Веселин Милиќ на прес конференцијата рече дека осомничениот сам се пријавил на полицијата да каже дека застрелал неколку луѓе.
Според досега собраните информации, ученикот К. К. подолг временски период го планирал извршувањето на ова кривично дело. Мотивот се уште не е утврден, ниту пак тој не го кажал. Датумот 3 мај 2023 година го избрал затоа што училницата по историја била во близина на влезот на училиштето, каде неговиот клас VII-2 го имал првиот час. Огненото оружје, пиштолот со калибар од 9 милиметри, со три рамки, како и малокалибарски пиштол, гиз ел од станот на татко му, го ставил во торба, а подготвил и понел и четири молотови коктели, изјави Милиќ.
Тој додаде дека веднаш по пристигнувањето во училиштето, убиецот го извадил пиштол и го застрелал обезбедувачот Д. В. по што ги нападнал децата и А. Б.
Пукал кон А.Б., кој стоел покрај масата, како и кон С.Н., кој бил покрај клавирот, и го убил. Потоа продолжил низ ходникот до училницата по историја, каде по пат ја заменил рамката, влегол во училница и веднаш пукал од врата кон наставникот и останатите ученици. Потоа ја напуштил училницата, отишол во училишниот двор, каде ја вади рамката од оружјето, вика полиција и после тоа ние го апсиме, изјави Милиќ.
Шефот на полицијата го покажа списокот на деца што сторителот го составил и училишниот план на кој ги определил приоритетните цели и начинот на влегување во паралелките со бројот на деца што планирал да ги убие во секое одделение.
Министерот за образование Бранко Ружиќ на прес-конференција соопшти дека Владата на Србија донела одлука за тридневна жалост на целата територија на Србија, почнувајќи од петок, 5 мај до недела, 7 мај и дека денеска е откажана наставата во попладневната смена, а утре ќе започне со едноминутно молчење.
Изразувам најдлабоко жалење за најголемата трагедија што ја снајде Србија и нашиот образовен систем. Никој не може да ги врати децата на нивните родители. Безбедносниот прстен постоеше, функционирал видео надзорот, а присутен бил и училишниот полицаец. Благодарност до здравствените работници, го молиме Господ да им помогне на сите, изјави тој.
Министерот истакна дека, за жал, Србија е дел од светот каде се почесто се случуваат вакви работи.
Евидентно е канцерогеното, погубно влијание на интернетот, видео игрите, таканаречените западни вредности и на сите ни е јасно дека е потребен голем пресврт, заострување на мерките, но и систематско изнаоѓање решенија, рече Ружиќ.
Министерката за здравство Даница Грујичиќ им изрази сочувство на родителите кои денеска ги загубија децата и им се заблагодари на здравствените работници кои излегоа на терен.
За 40 години работен стаж ова е можеби моето најстрашно искуство како лекар и како човек, изјави Грујичиќ.
Зборувајќи за состојбата на повредените, министерката рече дека шест деца и една наставничка се во здравствените установи во Белград – три деца во Тиршова, четири пациенти во Ургентниот центар.
Двете момчиња кои се во Тиршова се здобиле со повреди на долните екстремитети, тие се стабилни и надвор од животна опасност, додека девојчето кое се здобило со прострелна рана во главата е критично. Направено е се што можеше да се направи, но повредата е голема и се уште се борат за нејзиниот живот, рече министерката.
Во Ургентниот центар има три деца, девојче со прострелна рана во пределот на стомакот и повреди на раката. Таа е во стабилна состојба.
Момчето кое се здоби со прострелна рана низ градниот кош и вратот има повреда на рбетот, 5-ти и 6-ти вратен пршлен и е најтешко повреден. Операцијата се уште е во тек, ќе мора да има повеќе интервенции, нешто сега , нешто подоцна, рече министерката.
Наставничката е во критична состојба. Таа има повреди на карлицата и раката и се уште е на операција.
OhridNews